Таблиќ е многу популарна игра со карти. Најчесто се игра во двајца или во четворица. Кога се игра во четворица, се игра во парови, а партнерите седат дијагонално еден од друг. Се игра со цел шпил од 52 карти.
Вредност на картите
Кралот (K) вреди 14, Дамата (Q) 13, а Жандарот (J) 12. Другите карти се бодуваат според својата номинална вредност. Асот (A) во тој поглед има посебен третман. Неговата вредност може да биде 1 или 11, во зависност од проценката и желбата на играчот кој е на потег.
Цел
Целта на играта е да се земат што повеќе карти од талонот, т.е. да се земат што повеќе штихови. Картите се земаат така што се фрла карта од рака и со неа се зема карта со иста вредност или повеќе карти чиј збир е еднаков на вредноста на фрлената карта. Секој играч ги собира земените карти кај себе, за на крајот од партијата да се пребројат поените.
Делење
Делителот му дели на секој играч по 6 карти (во 2 круга по 3) и става 4 карти на талонот. Картите на талонот мора да бидат раздвоени. Остатокот од картите се става настрана. Кога сите играчи ќе ги исфрлат картите што ги имале, делителот повторно го зема шпилот што го оставил настрана и повторно му дели по 6 карти на секој играч. Кога ќе се исфрлат сите карти и ќе се потроши целиот шпил, улогата на делител преминува на следниот играч.
Игра
Секогаш започнува играчот кој седи од десната страна на делителот, а редоследот продолжува во насока спротивна од стрелките на часовникот. Во секој круг секој играч исфрла само по една карта. Со таа карта може, но не мора, да земе нешто од талонот. Кога зема карти, играчот ги превртува со лицето надолу и ги става на својот куп, за другите играчи подоцна да не можат да видат кои карти поминале. Доколку играчот не може ништо да земе со својата карта, таа карта останува на талонот. Кога играта ќе заврши, картите што останале на талонот ги зема играчот кој последен земал нешто. Кога играчот со својата карта ќе ги земе сите карти од талонот, му се запишува табла. Кога играчот на крајот ќе ги собере картите што останале на талонот затоа што последен земал, не добива табла.
Бодување
Секој играч или пар се бодува според бројот на земени карти и штихови. Максималниот број поени е 25 + бројот на направени табли:
- за секој земен штих (10, J, Q, K, A) се добива по еден поен
- за „малата двојка“ (двојка треф) се добива еден поен
- за „големата десетка“ (десетка каро) се добиваат два поени
- оној кој вкупно земал повеќе карти добива „3 за картите“ (дополнителни 3 поени). Ако двајцата/сите играчи земале ист број карти, никој не добива „3 за картите“.
Крај на играта
Играта завршува кога играч или пар ќе помине 101 поен. Другиот играч/пар исто така може да има 101 или повеќе поени. Кога двајцата играчи ќе поминат 101, победник е оној кој има повеќе. Играта не се прекинува штом некој ќе помине 101 поен, туку се игра додека не се потроши шпилот.