Белот (попознат како Бела) е игра со карти многу застапена во Хрватска, Бугарија и Босна. Може да се игра во двајца, тројца или четворица, при што најчесто се игра во четворица.
Секоја партија се состои од делење, одредување адут, звања, играње и собирање поени.
Делење и одредување адут
Белот се игра со шпил од 32 карти (ас, крал, дама, жандар, X, IX, VIII, VII) или со унгарски карти - наместо знаците херц, треф, пик и каро се знаците тиква, лист, жир и срце. Делителот, по мешањето, му го нуди шпилот на играчот од левата страна да го пресече (играчот може да пресече или, со удар со раката по шпилот, да даде знак дека не сака да сече). Картите се делат во насока спротивна од стрелките на часовникот. Картите смеат да се подигнат само кога играчот има право на звање. Во спротивно се казнува со игра (162 поени).
Главната одлика на белата во четворица е тоа што се игра во парови. Двата спротивставени пара имаат за цел со заедничка игра да соберат половина + 1 поени од вкупната игра.
Секој играч добива по три карти свртени со лицето надолу, потоа уште по три карти (вкупно шест), и на крајот две карти во талонот, кои посебно се одвојуваат од првите шест.
Првите шест карти се подигаат и започнува одредувањето на адутот. Прв на ред е играчот од десната страна на делителот. Играчот смее да ги погледне картите дури кога вика, а кога не вика, ги спушта картите на масата.
Играчот одлучува дали ќе вика (ќе одреди адут) или ќе каже „пас“. Во случај да каже „пас“, го крева талонот, а правото да одреди адут го добива следниот играч од десната страна, кој ги има истите права како и претходниот. Кога ќе дојде ред на делителот, тој мора да вика. Кога некој ќе вика адут, сите го креваат талонот и играта започнува.
Звање
Под „звање“ се подразбира посебна низа карти што играчот ја има во рацете, а која му носи дополнителни поени. Постојат четири типа звања:
-
Четири исти карти:
- 4 жандари: 200 поени
- 4 деветки: 150 поени
- 4 аса, десетки, крала или дами: 100 поени
Четири осмици и четири седмици не вредат ништо.
-
Низа карти во иста боја (од 3 до 5 карти). Кога станува збор за звање,
редоследот на картите е следниов: ас, крал, дама, жандар, десетка, деветка,
осмица и седмица.
- 3 карти по ред во иста боја вредат: 20 поени
- 4 карти: 50 поени
- 5 карти: 100 поени
- Шест или седум карти по ред во иста боја се вреднуваат исто како и низа од пет карти, значи 100 поени.
- Осум карти по ред во адут се нарекуваат „белот“ и играчот кој добил белот автоматски победува, без оглед на дотогашниот тек на играта (како одеднаш да освоил 501 поен во бела во двајца, 701 поен во бела во тројца или 1001 поен во бела во четворица).
- Како и името на играта, бела се нарекува и случајот кога играчот во рацете има крал и дама во адут. Белата вреди уште дополнителни 20 поени.
При звањето задолжително прво мора да се каже најсилното звање; доколку се утврди дека играчот имал посилно звање, му се признава првото звање.
Звањето му се признава само на парот што има најсилно (највредно) звање (исклучок е белата). На другиот пар не му се признава ништо, дури и во случај во рацете да има неколку послаби звања кои, кога ќе се соберат, вредат повеќе од звањето на спротивниот пар.
Четири исти карти (освен осмици и седмици) се посилни од низа од пет карти. Меѓу две низи со еднаков број карти предност има низата што содржи повисока карта, значи низата осум, девет, десет, жандар е послаба од низата девет, десет, жандар, дама.
Ако пак се случи двајца играчи од спротивни парови да имаат еднакво вредно звање, предност добива оној кој прв имал право да одреди адут (оној кој е поблиску до делителот од десната страна). Дозволено е врзано звање (една иста карта учествува во две звања).
Звањето се покажува веднаш на почетокот на играта. Другите играчи се прашуваат дали имаат звање, ако имаат, колку и до која карта, за да се утврди кој има право на звање (исклучок е звањето бела).
Играчот кој во рацете има крал и дама во адут, белата ја вика во моментот кога прв пат ќе фрли една од тие две карти. Важно е да се напомене дека играчот е должен јасно да им покаже на другите играчи дека има звање бела, а тоа ќе го направи така што ќе каже „бела“ при првото фрлање на кралот или на дамата. Белата задолжително мора да се најави, додека при фрлањето на другата карта што ја сочинува белата тоа не е задолжително, иако може да се каже „од бела“.
Кај белата во четворица, кога играчот има право на звање, тогаш автоматски право на звање има и неговиот партнер.
Игра
Играта ја започнува првиот играч од десната страна на делителот. По него следува играчот до него, кој не само што мора да ја почитува фрлената боја, туку треба да фрли и карта што е поголема од претходно фрлената карта. На пример, ако првиот играч фрли осмица пик, а следниот играч во рацете има седмица пик и десетка пик, тој на осмицата мора да фрли десетка, а не седмица. Играчот секогаш треба да фрли посилна карта, се разбира, ако ја има. Доколку играчот нема карта од соодветната боја, тогаш фрла адут. Ако нема ни адут, тогаш може да фрли која било карта по желба.
Во случај првата карта да е адут, следниот играч повторно мора да фрли посилна карта во адут, ако ја има, но ако се одигра боја што не е адут, а играчот кој е на ред нема карта од таа боја па затоа мора да фрли адут, следниот играч може да фрли од првобитно бараната боја и не мора да фрли посилна карта, затоа што е фрлен адут.
На пример, адут е срце, првиот играч фрла осмица пик, а следниот играч нема пикови па фрла кое било срце. Следниот играч во рацете има ас пик и седмица пик. Слободно фрла седмица пик, бидејќи правилото за посилна карта не важи кога некоја боја е пресечена со адут. Играчот кој фрлил најсилна карта го зема штихот и игра прв во следното фрлање.
Ако се прекрши кое било од наведените правила, на противникот/противниците им се запишуваат 162 поени. Тука партијата завршува и се започнува одново со ново делење.
Бодување
Секој играч ги собира своите штихови.
Играчот кој го зема последниот штих добива уште дополнителни 10 поени. На играчот или на парот звањето (вклучувајќи ја и белата) не им се признава доколку не земале барем еден штих. Ако играчот или парот ги земат сите штихови, добиваат уште дополнителни 90 поени.
Таканаречената чиста игра (игра во која немало звања) изнесува 162 поени. Играчот или парот кој викал мора да собере најмалку половина + 1 поени од вкупната игра ако сака да помине. Значи, ако играта е чиста, треба да се соберат 82 поени за да се помине, во спротивно не се поминува, туку се „паѓа“.
Збирот на играта расте доколку во делењето имало звања. Сите звања се собираат и се додаваат на 162, а од добиениот износ за поминување повторно се бара половина + 1 (ако имало звање од 20, играта изнесува 182, а за поминување се потребни 92; ако имало звање од 50, играта е 212, а за поминување се потребни 107 поени).
Ако парот кој викал адут поминал, т.е. собрал половина + 1 поени од вкупната игра, на секој пар му се запишуваат поените што успеал да ги собере.
Ако парот кој викал адут паднал, т.е. не собрал половина + 1 поени од вкупната игра, сите поени ги добива спротивниот пар.
Падот се означува со цртичка, а не со нула.
Вреднување на картите (поени)
|
Вредност на картата |
|||
|
Во адут |
Кога не е адут |
||
|
Жандар |
20 |
Ас |
11 |
|
Деветка |
14 |
Десетка |
10 |
|
Ас |
11 |
Крал |
4 |
|
Десетка |
10 |
Дама |
3 |
|
Крал |
4 |
Жандар |
2 |
|
Дама |
3 |
Деветка |
0 |
|
Осмица |
0 |
Осмица |
0 |
|
Седмица |
0 |
Седмица |
0 |
Победа
Кога е крај? Целта на играчот или на парот е во последното, одлучувачко делење да собере онолку поени колку што му недостасуваат за да ја достигне договорената граница, без оглед на тоа дали собрал половина + 1 од целокупниот збир на играта (на пример, ако во бела во двајца играчот се најде во ситуација да има 496 поени, значи му недостасуваат уште 5 поени за да заврши, а првата карта што ја фрла на почетокот е жандар во адут, кој е најсилната карта во играта и вреди 20 поени, според правилото тука играта завршува). Само парот што ќе освои штих може да заврши.
Според официјалните правила, мора да се достигне доволен број поени и мора да се освои штих.