Реми е многу популарна игра со карти. Најчесто се игра во двајца или во четворица, со два шпила од по 52 карти, плус 4 џокери. Целта на играта е да се ослободите од сите карти пред другите играчи, почитувајќи ги правилата на играта објаснети подолу.
Почеток на играта - делење
Делителот му дели по 14 карти на секој играч, освен на првиот од својата десна страна, на кого му дели 15 карти и тој играч ја започнува играта. Остатокот од картите се става настрана и секој пат кога играчот ќе дојде на ред, прво влече една карта од врвот на преостанатиот шпил, а потоа прави некој од можните потези што ги дефинираат правилата на играта (ќе ги објасниме подолу). Исклучок од ова правило е првиот потег на играчот кој ја започнува играта, т.е. на играчот на кого му се поделени 15 карти. Тој во првиот круг не влече карта од врвот на шпилот, туку само се ослободува од картата што му е „вишок“.
Најважни поими - терцет, џокер, отворање и хандирање
Терцет
Рековме дека целта на играта е да се ослободите од сите карти пред другите играчи. Како се ослободуваме од картите? Со исфрлање терцети. Терцет е група од најмалку 3 карти по ред од ист знак, или група од 3 или 4 исти карти од различен знак. Примери можете да видите подолу:
- 1♥ 2♥ 3♥ 4♥
- 6♣ 7♣ 8♣
- 9♠ 10♠ 12♠
- 13♥ 14♥ 1♥
- 13♥ 14♥ 1♥ 2♥ - не е терцет!
- 10♦ 10♣ 10♥
Џокер
Џокерот е најкорисната карта во Реми. Неговата намена е многу лесно да се разбере од самото име. Џокерот може да ја замени која било друга карта при формирањето терцет. На пример, да речеме дека имате џокер и карти 5♣, 6♣ и 8♣. За да формирате терцет, очигледно Ви недостасува картата 7♣, која можете да ја замените со Вашиот џокер и со тоа добивате валиден терцет 5♣ 6♣ Џ 8♣.
- 1♥ 2♥ Џ 4♥
- Џ 6♣ 7♣ 8♣
- Џ 8♥ Џ 10♥ 12♥
- 7♥ Џ Џ 10♥ 12♥ - не е терцет! (два џокери не смеат да бидат еден до друг во низата)
- 10♦ 10♣ Џ
- 10♦ 10♣ Џ 10♠
- 10♦ Џ 10♣ Џ - не е терцет! (може да се користи само еден џокер)
Отворање
Отворањето е едно од најтешките правила во Реми, но и најтешкиот потег во оваа игра. Не дозволувајте тоа да Ве обесхрабри, малку вежбање и сè ќе биде во ред. Ние на Балканот често сакаме работите да ги направиме малку посложени отколку што е потребно. Така од играта Yahtzee ја направивме играта Јамб, која е значително посложена од Yahtzee што се игра во остатокот од светот. Има и други примери на ваквото усложнување, но ние ќе се задржиме на она што се однесува на Реми, а тоа е отворањето. За играчот да се отвори, збирот на картите во неговите составени терцети мора да биде 51 или поголем! Значи, за да се отворите и со тоа да стекнете огромни предности во играта (за што ќе стане збор подоцна), мора прво да направите еден, или почесто, два или повеќе терцети чиј вкупен збир на карти е поголем или еднаков на 51, и да ги исфрлите одеднаш, т.е. еден по еден во текот на еден Ваш потег. Тука е важно да се напомене дека отворање не е можно во првиот круг од играта!
Отворање - предности
Штом ќе се отворите, т.е. во еден потег ќе исфрлите еден или повеќе терцети чиј збир на карти е 51 или поголем, ќе можете да:
- Земате карта и од купот исфрлени карти, онаа што ја исфрлил играчот пред Вас, ако таа карта Ви одговара (наместо картата задолжително да ја влечете само од шпилот)
- Исфрлате поголем број карти така што ќе ги додавате на веќе отворените терцети, секако без да го нарушите терцетот (тој мора да остане валиден и по додавањето на Вашата карта)
- Исто така, ќе можете да земете џокер од кој било отворен терцет, под услов во рацете да ја имате картата што тој џокер ја заменува во терцетот. Практично, ја менувате Вашата карта за џокерот од терцетот, за џокерот да го искористите за правење нов терцет.
- И секако најголемата предност по отворањето - ќе можете да исфрлате терцети без ограничување. Можете да исфрлите кој било валиден терцет кога сте на потег, без ограничувања поврзани со збирот на картите.
Хандирање
Хандирање се нарекува победата на играчот кога одеднаш ќе ги исфрли сите групи карти (терцети) на масата и ќе затвори со една преостаната карта. За играчот да хандира, не е важно од кој куп ја зел картата. Доколку играчот сака да хандира, тогаш во текот на отворањето не смее да додаде ниту една своја карта на изложена група на некој друг играч.
Вредност на картите
Асот (A), Кралот (K), Дамата (Q), Жандарот (J) и Десетката (10) вредат по 10 поени, а другите карти се бодуваат според својата номинална вредност (двојката вреди 2 поени, тројката 3 итн.). Џокерот и тука се издвојува: вреди 20 поени, односно ја зема вредноста на картата што ја заменува во терцетот. Ако, на пример, ја заменува Дамата во терцетот, тогаш вреди 10 поени, а ако заменува шестка, тогаш вреди 6.
Правило за последната карта во рака
Како и кај многу други игри (Уно, Мау Мау итн.), и во Реми постои ограничување поврзано со Вашата последна карта во „рацете“. Вашата последна карта мора да ја фрлите на купот отворени (исфрлени) карти. Значи, последната карта не можете да ја искористите за правење терцет, ниту можете да ја додадете на некој од веќе исфрлените терцети. Последната карта мора да ја фрлите на купот и со тоа ја завршувате партијата (ја затворате), односно - ПОБЕДИВТЕ!
Бодување
Ова во Реми е доста флексибилно и најчесто е договор меѓу играчите. Бидејќи ова всушност не е важно (единствено е важно правилата да бидат исти за сите), нашата програма ќе бодува на следниов начин
- Победникот, доколку затвори со џокер (или хандира), добива -40 поени (на другите играчи им се запишува двоен збир на нивните карти), односно доколку затвори со која било друга карта, добива -20 поени.
- На сите други играчи бројот на поени им се пресметува така што се собираат сите карти од кои не успеале да се ослободат, т.е. што им „останале во рацете“.
- Доколку некој има џокер во рака, неговата вредност при собирањето на поените е 20.
За крај
Реми воопшто не е едноставна игра. Не обесхрабрувајте се доколку не Ви е сè сосема јасно по читањето на ова упатство. Единствениот начин да научите да играте Реми е да почнете да го играте со основните знаења за играта. Така најбрзо ќе напредувате и уште по неколку одиграни партии ќе бидете сериозен и незгоден противник за другите. Дадовме сè од себе интерфејсот на играта да Ви биде што поедноставен за користење и да Ве води во текот на партијата, т.е. да Ви сугерира што треба да направите во кој момент, што во голема мера го олеснува учењето, но и совладувањето на оваа игра.